Американската вселенска агенција НАСА денеска лансираше телескоп вреден 9 милијарди долари кој треба да овозможи најдлабок увид во вселената досега, што ќе го означи почетокот на новата ера астрономски истражувања.
Моќниот телескоп Џемс Веб, кој користи инфрацрвена светлина, ќе биде најважната вселенска научна лабораторија во наредната деценија, наведува НАСА. Ова е најмоќниот телескоп лансиран во вселената.
Апаратот е спакуван во товарниот дел на ракетата Аријана 5 и беше лансиран од Француска Гвајана во 13:20 часот по средноевропско време.
Инструментот тежок скоро 6,5 тони беше изваден од ракетата по вселенски лет од речиси половина час.
Телескопот во наредниот месец ќе се движи до својата соларна орбита оддалечена околу 1,6 милиони километри од земјата.
Неговото кружење околу Сонцето константно ќе се ускладува со Земјата за апаратот и Земјата да се движат во тандем.
Претходникот на овој уред, вселенскиот телескоп Хабл, кружи околу земјата на височина од 550 километри и влегува во сенка на планетата и излегува од неа на секои 90 минути.
Новиот телескоп го доби името по научникот кој беше задолжен за развојот на НАСА во 60-тите години од минатиот век.
Телескопот Веб е околу 100 пати почувствителен од Хабл и се очекува дека ќе изврши голема трансформација на научното сфаќање на вселената и човекот во вселената.