Интензивни градежни активности кај „Момин Поток“

Интензивно се работи на изградбата на клучката „Момин Поток“ и булеварот „Никола Карев“, а наскоро скопјани ќе добијат нов важен сообраќаен правец. Ова го соопшти градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, преку објава на социјалните мрежи, нагласувајќи дека проектот е во полн ек.

Канализација и мост на река Серава

Во моментов, како што информира Ѓорѓиевски, напредува изградбата на атмосферската канализација, која ќе се постави во средишното зеленило на булеварот „Никола Карев“, на потегот од реката Серава до раскрсницата со булеварот „Словенија“. Паралелно со тоа, се работи и на левиот крак од новиот мост на реката Серава, по кој ќе се одвива сообраќајот од раскрсницата со булеварот „Словенија“ кон клучката „Момин Поток“.

Пробивање на трасата и отстранување објекти

Градоначалникот посочува дека за оваа делница конечно се пробива трасата, а во тек е и отстранување на објектите кои се наоѓаат на предвидената траса. Со тоа, како што наведува, се откочува целиот процес за изградба на новиот булевар и се создаваат услови за негово финално реализирање.