Отворен реконструираниот центар во Тетово

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, заедно со градоначалникот на Тетово Билал Касами и министерката за образование Весна Јаневска, присуствуваа на свеченото пуштање во употреба на реконструираниот Регионален центар за средно стручно образование „Моша Пијаде“ во Тетово.

Настанот беше одбележан со официјално отворање на обновениот објект, кој треба да придонесе за подобрување на условите за образование и стручно оспособување на учениците.

Јаневска по вторпат прашана дали има преведувач

Непосредно пред да даде изјава за медиумите, министерката Јаневска беше прашана од новинар дали си обезбедила преведувач за посетата.

„Не“, одговори таа.

По забелешката дека претходно ѝ било сугерирано да понесе преведувач при посета на Тетово, Јаневска возврати: „Не ми треба. Јас не знам кому му треба преведувач за во Македонија да знае македонски јазик“, додаде таа.

Повторување на претходниот став

Инаку, ова не е првпат министерката да го изрази ваквиот став. При претходна посета на Тетово, на слично прашање од новинарите, таа истакна дека во Македонија има еден службен јазик и дека нема потреба од преведувач.

Оваа изјава повторно го отвори прашањето за употребата на јазиците при официјални посети и комуникацијата со јавноста.