Голем балон лебди на САД веќе неколку дена за кој Американците се сомневаат дека е во шпионска мисија и испратен од Кина. За „неидентификуваниот“ објект е известен и претседателот Џо Бајден кој е советуван да не се соборува, бидејќи сè не се знае што е, а парчињата кои би паднале, би можеле да претставуваат безбедносна закана.

„Јасно е дека намерата на овој балон е надзор“, изјави висок претставник на американската одбрана.

Балонот го следиме неколку денови, додека надлетуваше над северот, рече портпаролот на Пентагон, бригадниот генерал Патрик Рајдер.

Балон, како што наведуваат официјални претставници, го прелетал Алеутските острови на Алјаска и над Канада, пред да се појави над градот Билингс, во сојузната држава Монтана, во средата. Токму во таа, ретко населена, американска држава се наоѓа еден од трите комплекси на подземни силоси на САД за интерконтинентални балистички ракети „Минутмен III“ кои, како што тврдат американски претставници е една од потенцијалните мети на кинеска шпионажа.

Вашингтон го следи балонот од неговото влегување во американскиот воздушен простор, активности во кои се вклучени и воени авиони со екипаж. Официјални претставници одбија да кажат на која висина лета балонот, но признаа оти делувал „во просторот над цивилниот воздушен промет, под вселената“.