Со закани и навреди кон новинари и присутни, српскиот претседател Александар Вучиќ одговори на прашање дали министерот за култура Никола Селаковиќ треба да поднесе оставка, порачувајќи дека „ќе ги научи на ред“ оние што, како што рече, не биле воспитани од своите родители, објави порталот „Нова“.

Вучиќ го изгуби трпението

Прашањето го изнервира Вучиќ додека зборуваше за повлекувањето на зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер, од проектот „Генералштаб“. Во тој контекст тој се осврна и на обвинителниот предлог против министерот Селаковиќ, поднесен поради сомневања дека вршел притисок врз вработените во Заводот за заштита на споменици со цел да се укине заштитата на објектот.

— Што се однесува до мене, тој обвинителен предлог е срамен, беден и одвратна политичка манипулација. Секако, надлежните органи ќе одлучуваат за тоа, а и јас сум некаков надлежен орган, па можеби ќе носам одредени одлуки. И веднаш да ви кажам, јас сакам да одговарам за тоа. Не министерот Селаковиќ, не госпоѓата Јелача, не ни ги знам имињата на другите лица. Овие двајца ми се познати, другите не ги познавам, искрено. Значи, јас сакам да одговарам, не одете по нив. Јас сум виновен, јас сакав да дојде толку голема инвестиција во нашата земја — рече Вучиќ.

Тој додаде дека со нетрпение го очекува евентуалното поднесување обвинителен предлог и против него како претседател на Републиката и нагласи дека во истиот момент би ги помилувал сите други лица против кои би се водела постапка.

Неговиот настап дополнително се заостри по дофрлања од новинарите, кога Вучиќ го изгуби трпението повторно.

— Немојте да дофрлате, ве молам. Не знам ни што е тоа „симнување потпис“, но можам само да ве замолам, немојте да ми дофрлате. Тоа што сте непристојни, тоа што сте невоспитани, тоа што мајка ви и татко ви не ве научиле на елементарен ред, тоа е ваш проблем. А јас ќе ве научам. Ќе добиете одговор и на вашите дофрлања. Ќе ве научам на ред, кога веќе родителите не ве научиле. Срам да ви е. И не умеете да молчите додека претседателот на Републиката одговара на прашање. И не можете да ме изнервирате — рече Вучиќ.

Тој повтори дека ја презема целосната одговорност, наведувајќи дека „тој е виновен за сè“, додавајќи дека одговор на поставеното прашање новинарите „никогаш нема да добијат“.

— Зошто ги нервирате луѓето? Јас сум одговорен, јас ќе одговарам. А вие одговор на вашето прашање никогаш нема да добиете, тоа се носи од дома. И вистинљубивоста исто така бидејќи сте докажани лажговци, и така ќе биде секогаш — рече Вучиќ.