Актуелниот претседател на државата и кандидат за втор мандат на функцијата поддржан од СДСM, Стево Пендаровски на вечерашниот изборен митинг во Кичево ги повика присутните да се качат на бината и да застанат покрај него. Со овој невообичаен гест, како што кажа тој, сака да ѝ одговори на главната опозициска партија (ВМРО-ДПМНЕ), за нејзините прозивки дека во настапите од претседателската кампања е сам, без да биде придружуван од раководството на партијата која застана зад неговата кандидатура.
„Проштевајте, не мислев да го направам ова, но ми јавија пред малку дека главната опизициска партија на митинзите денеска критикува дека на моите митинзи само јас зборувам и велат дека Стево е оставен потполно сам. Сега ќе ве замолам за да му кажеме на Мицкоски и на неговите пајташи дека јас сум бил секојпат и ќе бидам секојпат со мојот народ. Повелете сите на бина“, рече Пендаровски.