Николоски со благодарност до Агелер

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски утрово гостуваше во утринската програма на Радио Лидер, каде се осврна на прошталната порака на американската амбасадорка Ангела Агелер, која ја напушта Македонија по завршувањето на мандатот.

Агелер со пофалби за инфраструктурните проекти

Николоски истакна дека му е драго што амбасадорката ги препознала промените во инфраструктурата.

Драго ми е за тоа. Навистина вложивме и вложуваме голема енергија за големи инфраструктурни проекти какви Македонија нема видено во минатото. Драго ми е што амбасадорката тоа го препознала. Ние соработуваме многу во нејзиниот мандат и со нејзина поддршка успеавме да стартуваме три нови автопатски делници: Прилеп – Битола, Букојчани – Гостивар (популарната Стража) и автопатската делница Гостивар – Тетово. Тоа се навистина три огромни проекти кои ги работиме во моментов. Тука спаѓа и четвртата делница која наскоро ќе почнеме да ја работиме, рече Николоски.

Поддршка и за железничко поврзување

Николоски се осврна и на присуството на амбасадорката во Гуешево, при потпишувањето на договорот за железничко поврзување

Драго ми е што амбасадорката беше присутна и во Гуешево при потпишување на договор за железничко поврзување и тоа многу значеше за поддршка. Даде силна поддршка за изградба на брза пруга на потегот север – југ. Навистина одлична соработка. Врвен дипломат. Драго ми е што беше во државава и се надевам дека некој исто добар или можеби уште подобар ќе дојде на нејзино место. Драго ми е што ги признава успесите и се надевам дека пријателството меѓу нашите две држави ќе продолжи. Навистина многу ни значи што имаме соработка и заеднички напори Македонија да напредува. Ние сме мала држава, ние сме лилипутанци на светската политичка сцена, но кога најголемата држава сака да соработува со нас, тоа многу ни значи, заклучи вицепремиерот Николоски.

Погледнете ја целата емисија: