Поддршката на Хрватска за македонскиот евроинтегративен процес
Поддршката на Хрватска за македонскиот евроинтегративен процес, како и подготвеноста за понатамошно зајакнување на политичките и економските односи меѓу двете земји, беа во фокусот на средбата што во Загреб ја остварија вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и Маријана Петир, пратеник во хрватскиот Сабор. Во рамки на работната посета на хрватскиот парламент, вицепремиерот Николоски одржа и одделна средба со Андро Крстуловиќ-Опара, претседател на Одборот за надворешна политика.

На двете средби беше оценето дека односите меѓу Македонија и Хрватска претставуваат пример за квалитетна регионална соработка, изградена врз пријателство, заемна поддршка и јасна визија за европска иднина. Соговорниците се согласија дека ваквиот пристап има значајно влијание врз зајакнувањето на регионалната стабилност, економскиот развој и процесите на интеграција.

Вицепремиерот Николоски го отворил и прашањето за проблемите со кои се соочуваат транспортерите од Македонија и од регионот, при што побарал поддршка од Хрватска за надминување на состојбата поврзана со нивните работни активности во рамки на Шенген зоната. Тој нагласил дека станува збор за прашање од регионално значење и дека неговото навремено решавање ќе придонесе за стабилност на регионалната економија, како и за побрз проток на стоки и услуги кон европските пазари.
-На средбите, вицепремиерот Николоски ги потенцирал и реформските процеси што ги спроведува Владата во контекст на евроинтеграциите, при што истакнал дека искуствата преземени од Хрватска имаат значајна улога во јакнењето на институционалните капацитети на земјата, се наведува во соопштението од Министерството.

Во делот на политичката соработка, било посочено дека билатералните односи се одвиваат преку отворен дијалог и меѓусебна поддршка. Како партнерски земји и членки на НАТО, Македонија и Хрватска ја делат одговорноста за обезбедување стабилност во регионот и заедничко справување со современите безбедносни предизвици.
Во рамки на посетата на Загреб, вицепремиерот Николоски оствари и средба со генералниот секретар на ХДЗ, Крунослав Катичиќ, на која повторно беа потврдени добрите односи меѓу двете земји и се разговараше за перспективите на Македонија и поширокиот регион.
