Потпишан договор за грант за подготовка на проект
Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, денеска изјави дека потпишувањето на договорот за грант за подготовка на проект за реформа во железничкиот сектор претставува значаен чекор за модернизација на јавното железничко претпријатие „Транспорт“.
Според Николоски, во последните денови од јуни е завршена важна работа и започнува нов заеднички проект кој, како што посочи, има големо значење за реформата на претпријатието.
Целта е модернизација и надградба на претпријатието
Николоски истакна дека визијата на Владата од нејзиниот избор е јавното железничко претпријатие „Транспорт“ не само да продолжи да функционира, туку и да се надградува и модернизира.
„За таа цел, започнавме една структурирана политика која значеше јасен концепт и јасна визија што сакаме да правиме од јавното претпријатие“, рече Николоски.
Тој додаде дека со законските измени, практично било зачувано претпријатието, имајќи предвид дека, според него, политиките на претходната влада воделе кон затворање на железничкиот транспорт.
Раст на бројот на патници и карго сообраќајот
Министерот нагласи дека земјата влегла во сериозна реформа, а првите резултати веќе се видливи. Како што посочи, во првите четири месеци од оваа година се бележат позитивни бројки, односно раст на бројот на превезени патници.
Особено, како што истакна Николоски, го радува сериозниот раст на карго сообраќајот, кој го оцени како срцевина на економијата.
„Во таа насока заедно со ЕУ работиме на планот на раст“, рече Николоски.
Тој додаде дека денешниот проект претставува почеток на значајна и суштинска реформа во железничкиот сектор.
