Снегот е исчистен, патиштата безбедни
Вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, денеска се заблагодари на прекрасниот тим на Македонија пат кои придонесоа снегот да биде целосно исчистен од главните патни правци. Тој истакна дека благодарение на нивната соработка, сообраќајот се одвива нормално, а патиштата се безбедни за возење.
Следи неговата целосна изјава:
„Тука сме во близина на селото Скудриње. Има две секции кои што веќе се покриваат, едната е Косоврасти другата е Маврово. Би сакал да честитам на прекрасниот тим на Македонија пат, на овие вредни луѓе кои што ги одржуваат чисти и проодни патните правци. Веќе се ставени во функција сите камиони со кои што располага Македонија пат, а исто така помагаат и компаниите кои што се ангажирани да работат на расчистување на снегот.
Можам да кажам дека на ниво на држава сите патни правци се проодни и никаде нема застој. Исто така би сакал да апелирам до граѓаните, внимателно да ги користат патиштата, да ја прилагодуваат брзината согласно условите на теренот. Многу битно, да користат зимски гуми и секаде каде што е потребно опрема, од типот на ланци и сето она што е потребно и што го препорачуваат надлежните, со цел да имаме сигурен и безбеден сообраќај.
Оваа ситуација ќе се задржи и следните денови, ние ќе бидеме во постојана комуникација и координација, со цел да сообраќајот непречено се одвива на ниво на држава и граѓаните стигаат онаму каде што е потребно, особено после празниците, бизнисот да може непречено да се одвива.
Уште еднаш, апел до граѓаните за одговорно возење и за почитување на сите правила кои што ги имаат надлежните и честитки до сите оние кои деноноќно, по 24 часа се обидуваат да се справат со овие снежни наноси.“
