Бојан Никовски, младински активист и член на извршниот комитет на УМС на ВМРО-ДПМНЕ утрово гостуваше на Радио Лидер. Разговарајќи за актуелните политички теми тој ја потенцираше важноста за младите да бидат дел од општествено-политичкиот живот, а посебен акцент стави на изборите кои се во тек.
Дискутирајќи за идеолошката матрица кај младите, Никовски вели дека кај младите веќе не поминуваат лажните приказни како оние за слободата и паролите на озогласената шарена револуција.
Кај луѓето веќе не поминуваат приказните од шарената револуција. Кај мојата генерација, сѐ до оние родени до 2003-2004 година следејќи ги светските трендови, добро знаеме што се случува. Памтиме со кои ветувања дојдоа на власт и кои ветувања ги испорачаа. Дојдоа со апстрактни ветувања на невладини организации и мислеа дека со продавање на приказна од типот на „дозволивме дебата на телевизија“, луѓето биле послободни од порано, па така ќе се задржат на власт. А реално немаат ниту еден конкретен резултат, што е најважно за граѓаните, вели Никовски за Радио Лидер.
На новинарско прашање „дали е вистина дека Левица е најпопуларна партија кај младите“, Никовски вели дека тоа повеќе не е така. Никовски партијата Левица ја опишува како „партија на протестни гласачи“, а потенцира дека и актуелната власт е непопуларна кај младите бидејќи не нуди решенија за клучните прашања.
Девет од десет млади се против актуелната власт, а бројот веројатно е и поголем, потенцира младиот политички активист.
Никовски потсети на флоскулите од пред неколку години, но од друга страна пак рече дека има партии кои нудат и конкретни проекти, алудирајќи на ВМРО-ДПМНЕ.
Со текот на времето сфаќаме колку многу шарената револуција, пленумите, средношколски протести беа само флоскули, празни муабети и декларативна поддршка за се и сешто. Така и денес, во пракса сфаќаме дека младите сакаат конкретни проекти кои ќе се остварат. Треба да ги искористиме сите благодети на времето во кое живееме. Затоа младите се одлучуваат за партија која нуди програма, партија која нуди конкретни проекти, можности, за почеток на свој бизнис, за фриленсери, за бенефиции за сопствена куќа, за новороденчиња и млади брачни парови. Тоа е тоа што им треба на младите, вели Бојан Никовски од УМС на ВМРО-ДПМНЕ.