Универзитетската клиника за психијатрија во Скопје на социјалните мрежи објави дека го вдоимла Роџер, лабрадор стар две и пол години

 

Универзитетската клиника за психијатрија во Скопје на социјалните мрежи објави дека го вдоимла Роџер, лабрадор стар две и пол години кој им помага на пациентите во терапијата, исклучиво под надзор на лица од стручниот тим и во согласност со пациентите.

Причините за вдомувањето на Роџер, според директорката на клиниката, проф. д-р Славица Арсова е имплементацијата на „Animal Assisted Activities“ (активности поддржани од животни) – структурирани, но неформализирани активности во кои учествуваат одбрани животни (најчесто кучиња) со цел да обезбедат емоционална поддршка, чувство на смиреност, социјална интеракција и подобрување на општата психосоцијална благосостојба на пациентите.

Како што објавува Клиниката, Роџер бил вдомен неодамна и за исклучително кратко време се прилагодил на персоналот и на пациентите и како што велат нивниот нов „четириножен „колега“ е обожаван едноставно од сите.

Присуството на куче во терапискиот процес создава чувство на сигурност, прифаќање и доверба, што овозможува полесно воспоставување контакт, подобра емоционална регулација и поголема мотивација за вклучување во терапијата. Активностите на Роџер на клиниката вклучуваат средби со пациенти, индивидуално или во рамки на групи, секогаш под придружба и надзор на лица од нашиот стручен тим и се разбира, со согласност од пациентите. Со овој потег, сакаме да го поттикнеме и вдомувањето кучиња, како хуман и одговорен начин да им се даде втора шанса на напуштените животни и да се намали бројот на бездомни животни“, вели проф. д-р Арсова.

За Роџер е обезбеден бокс и куќичка пред влезот на клиниката, тој е под редовна ветеринарна контрола, има уреден здравствен и вакцинален статус и за него се грижат членовите на персоналот, а под надзор и мониторинг постепено се вклучуваат и пациентите, со нивна согласност.

 

Активностите на Роџер започнуваат во 8 часот наутро во дневната болница

 

Активностите на Роџер започнуваат во 8 часот наутро во дневната болница, тој нема контакт во деловите од установата каде што има храна или лекови, a неколку пати дневно има долги прошетки со вработените или со пациентите – доброволци од дневната болница.

Лабрадорот е една од најчесто користените раси при активностите поддржани од животни, бидејќи неговите природни карактеристики совршено одговараат на барањата на тераписката средина.

– Лабрадорите се познати по својата смиреност, трпеливост и предвидливо однесување и имаат висока емпатија и социјална интелигенција. Оваа раса интуитивно реагира на човечки емоции, односно препознава тага, страв или анксиозност и природно нуди утеха преку контакт и присуство, без наметнување – велат од Клиниката за психијатрија.

Дополнително, лабрадорите брзо учат, лесно следат команди и имаат исклучително висока толеранција на физички контакт – прифаќаат допири, галење и близина без да покажат вознемиреност.

– Сите овие карактеристики ги има и нашиот Роџер, кој ни донесе многу позитивна енергија на клиниката! – додаваат од Клиниката.