Украинските власти соопштија дека хеликоптерот во кој меѓу другите загина и украинскиот министер за внатрешни работи се урнал во 8:20 часот по локално време и дека зградата на Националната служба за итни случаи е уништена во пожарот што избувнал по падот. Пожарникарите еден час подоцна го изгаснале пламенот.

Како што рекоа, станува збор за хеликоптер Аероспесиале АС.332 Супер пума, кој на Украина ѝ го дала Франција. Според фотографиите од местото на несреќата, хеликоптерот паднал во дворот на градинка. Покрај остатоците од хеликоптерот има справи за играње. Трите деца што загинаа најверојатно биле од градинката. Повредени се уште десет деца.

Во хеликоптерот имало девет лица: шест члена на оперативниот тим на МВР, меѓу кои и раководството на МВР, како и тројца членови на екипажот на Државната служба за вонредни состојби. Загинаа министерот за внатрешни работи Денис Монастирски, неговиот прв заменик Јевген Јенин и државниот секретар на Министерството Јуриј Лубкович, соопшти Антон Герашченко, советник на министерот за внатрешни работи.

Прерано е да се зборува за причината за хеликоптерската несреќа, изјави Кирило Тимошенко, заменик-шеф на претседателската администрација, за време на брифингот за медиумите во Бровари. Тој рече дека истрагата ќе ги разгледа сите можности, а полицијата побарала сите сведоци да се јават.

Герашченко објави видео за кое тврди дека ја прикажува изјавата на сведок на денешната хеликоптерска несреќа во Бровари, во која загина раководството на МУП предводено од министерот Денис Монастирски.

„Хеликоптерот гореше и кружеше. Ми се чини дека ја избра најмалата зграда. Во близина на местото на несреќата има двокатна зграда, а овде има десеткатница“, рече жената-сведок.