Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, во изјава за Радио Лидер обвини дека СДСМ, особено во периодите кога Зоран Заев има влијание, креира теми во јавноста преку медиумите со цел да извлече политички придобивки.
Обвинувања за „новинарско-рекетарски шеми“
„Како политичар гледам една тенденција во делувањето на СДСМ, особено кога Зоран Заев е на чело на СДСМ или како сега лидер од сенка. Користејќи ги медиумите си поставуваат одредена тема и од таа тема потоа сакаат да добијат придобивки. Не случајно сум нарекол новинарско-рекетарски шеми“, вели Петрушевски.
Тој додава дека во конкретниот случај се работи за, како што вели, обид за преземање на една од најдобрите клиники на Балканот, посочувајќи ја „Жан Митрев“.
Тврдења за наметнување на теми
Петрушевски посочи дека, според него, СДСМ и во власт и во опозиција користи сличен пристап преку креирање теми во јавноста и креирање вештачка паника кај народот.
„Си измислуваат тема. Мигранти. СДСМ долго време зборуваше дека ќе дошле мигранти во Македонија. Нашле некои Британци кои си дебатираат. Од тоа прават тема и неколку месеци ја малтретираат јавноста преку медиумите кои се под нивна контрола“, изјави тој.
Тој потсетува какви лаги ширеше СДСМ во јавноста.
„Имаше анализи како тие ќе купувале домови, па државата ќе им давала станови, па ќе имало социјално-осигурување. Поминаа неколку месеци, не се виде договор со Британија. Освен деманти од премиерот и Владата, имаше демант и од британскиот амбасадор“, потсетува Петрушевски.
