Центарот за управување со кризи информира за состојбата по обилните врнежи од дожд
Центарот за управување со кризи информира за состојбата по обилните врнежи од дожд заклучно со 12:30 часот, при што се регистрирани поплави и свлечишта во повеќе региони во државата.
Во кичевскиот регион, во текот на ноќта, обилните врнежи предизвикале излевање на Зајашка Река на улицата „Прилепска“ во Кичево, каде што се зафатени повеќе куќи. Евакуирани се околу 180 лица, кои се згрижени во спортската сала „Христо Узунов“.
Регистрирано е и заезерување на улицата „29 Ноември“ во населбата Подварош, при што се поплавени подрумски простории во повеќе објекти, како и објекти на болницата во Кичево. На терен интервенираат екипи на ОВР Кичево, ЈП „Комуналец“ и други надлежни служби. Известени се градоначалникот на Општина Кичево и Дирекцијата за заштита и спасување.
Во 10:00 часот раководителот на РЦУК – Кичево одржал состанок во Општина Кичево, по што била организирана достава на храна и вода за евакуираните со помош на тимовите на Црвениот крст. Од Скопје се упатени дополнителни тимови со ќебиња, душеци, кревети и друга неопходна помош.
Според досегашните информации, нема животно загрозени лица, но превентивната евакуација продолжува. Врнежите и понатаму се интензивни, а состојбата внимателно се следи.
Поплавени дворови во скопско
Во скопскиот регион, во текот на претпладневните часови, преку бројот 112 се примени повеќе пријави од граѓани за поплавени дворни места во селото Идризово (Општина Гази Баба), поплавувања во селото Буковиќ (Општина Сарај), поплавено дворно место и подрум во селото Зелениково (Општина Зелениково), како и поплавено дворно место во населбата Радишани (Општина Бутел). Сите пријави се проследени до надлежните општини, извршен е увид на терен и се преземаат мерки за санирање на последиците.
Во тетовскиот регион, преку бројот 112 е пријавено свлечиште на патниот правец Тетово – село Џермо, поради што патот е блокиран за сообраќај. Известени се РЦУК – Тетово, ЈКП Тетово и полицијата. Од 07:45 часот на патот Тетово – Попова Шапка е воведена забрана за сообраќај на тешки товарни возила и автобуси поради врнежи од снег. Во однос на водостојот, засега нема зголемување на нивото на реките и не се очекува нивно излевање. Снабдувањето со електрична енергија и вода за пиење е редовно.
Во гостиварскиот регион пријавени се поплавувања на куќи во селото Беловиште, како и во населбите Циглана и Бањечница. Пријавен е и затрупан канал во селото Балиндол, при што се поплавени неколку куќи. Во една од поплавените куќи во Беловиште биле заглавени две деца и нивната мајка, за што веднаш биле известени ТППЕ Гостивар и ОВР Гостивар.
Поплавите се резултат на излевање на Сушичка Река и затрупани канали. Планирано е ангажирање механизација за расчистување на теренот, а претставници од локалната самоуправа и Дирекцијата за заштита и спасување се на терен и ја следат состојбата
