Снимка од граѓани кои купуваат леб од фурна во Скопје, а им го наплаќаат за 50 денари по парче, протече во јавноста. Реакциите од граѓаните се дека не се почитува владината одлука за замрзнување на цената на полубелиот и белиот леб, сечен или на парчиња.

„Макфакс“ испрати прашања до сопственикот на пекарата, дали ја прекршува забраната со ваквата продажба, но и до Пазарниот инспекторат за тоа дали извршиле контрола во објектот. Од двете места, до моментот на објавување, нема одговори.

Од видеото кое е објавено вчеравечер, се слуша како женско лице порачува леб, а кога прашува: „Колку е?“, добива одговор: „50“. На снимката се слуша како женското лице допрашува: „А од овој другиот, нема?“, на што добива одговор: „Нема, не смееме да даваме“.

„Макфакс“ снимката ја испрати и до претставници на Пазарниот инспекторат, чии 170 инспектори вчера беа на терен да утврдат нерегуларности. Од институцијата посочија дека во контролираните објекти се почитувало замрзнувањето на цената. Лебот кој бил над 33 денари, не бил опфатен со одлуката.

Вчера извршивме и проверка во повеќе маркети од различни брендови. Во најголем дел, рафтовите каде вообичаено стои полубелиот и белиот леб – беа празни.