Повеќе од 20 контејнери со опасни материи паднале во Црното Море по напад извршен со три поморски беспилотни пловила врз товарниот брод „Контшип Џет“. Меѓу паднатиот товар има литиум-јонски батерии, киселини и запаливи течности, што претставува ризик за пловидбата и животната средина.
Сите 18 членови на екипажот, составени од 14 државјани на Филипини и четворица од Украина, биле навремено евакуирани со чамци за спасување и безбедно пренесени во Варна. Бродот, кој plовел под знамето на Либерија на релација од пристаништето Хаифа кон Констанца во Романија, бил погоден во близина на ртот Калијакра, на околу 16 до 17 наутички милји од брегот, при што претрпел три пробивања на трупот пред да настане сериозно навалување.
Бугарските надлежни служби упатија предупредување до сите поморци за зголемена претпазливост поради пловечките контејнери. Иако првичните испитувања на морската вода кај Калијакра не покажаа видливо загадување, најавени се детални лабораториски анализи за присуство на опасни супстанции.
Паралелно со овој настан, во близина на брегот кај градот Царево биле пронајдени остатоци од беспилотно летало за кое се претпоставува дека е руски дрон од типот „Геран“. Воените власти ги собрале остатоците и ги пренеле во поморска база за вештачење, при што засега нема потврда за директна поврзаност со ударот врз бродот. Инцидентот се случи во исклучивата економска зона во време кога во Софија се одржуваше трилатерален министерски состанок за безбедност меѓу Бугарија, Турција и Романија.
