За ископаниот тунел во дворот на затворот „Идризово“ има суспендирани, уверува новиот директор на казнено-поправната установа, Зоран Јовановски. Кои вработени се суспендирани и колкумина се најавува дека ќе открие откога ќе биде поднесен обвинителниот акт.
„Има суспендирани, но не можам да кажам колкумина се ниту, пак, какви било други детали. Истрагата е во тек, се работи на расчистување на случајот. Набргу очекуваме и обвинителен акт, но да почекаме да завршат постапките“, вели директорот Јовановски.
Тој во интервју за „Макфакс“ беше прашан дали затворениците ќе избегале ако не се појавеле подземни води, поради кои, неофицијално, копањето запрело.
Тунелот во затворот „Идризово“ беше откриен пред еден месец, а од МВР известија дека знаеле за него два месеца претходно. Во копањето учествувале најмалку осуммина затвореници осудени за сериозни кривични дела, со казни од 10 години до доживотен затвор. Долг е 40 метри, осветлен и заштитен од уривање со потпори.
Води кон високата заштитна ограда, а лоциран е веднаш до објект што се користел за складирање јаглен во дворот. Затворските работници, иако имале индиции дека има сомнително движење на осудениците околу помошните простории, тунелот го откриле кога почнале подготовка за уривање на помошните простории, меѓу кои и онаа за складирање јаглен.