Судскиот процес за „Адитив“ одржан во дигиталната судница по две години празнење

Александар Пандов, директорот на Управата за извршување на санкции, денеска на прес-конференција ја поздрави одлуката на судијката Даниела Димовска да го одржи судењето за случајот „Адитив“ во дигиталната судница во затворот Идризово.

Тој потенцираше дека судницата, која беше изградена уште во 2020 година, претставува објект со европски стандарди, но за жал, досега била речиси воопшто неискористена.

„Првото судење беше направено дури по две години, во 2022 година, и од тогаш до денес – празна. Ова е европска судница и заслужува многу почесто да биде користена“, рече Пандов.

Апел за поголема употреба, особено за поголеми случаи

Пандов испрати апел до сите судии да ја користат дигиталната судница, особено за поголеми и чувствителни случаи, како што е случајот со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Тој истакна дека техничките недостатоци кои претходно биле пречка за користење на судницата, сега се целосно отстранети, и дека објектот е во одлична функционална состојба.

„Судницата е под надлежност на Управата, но пред сѐ и над сѐ – таа е на Република Македонија“, нагласи Пандов.

Најава за втора фаза на затворот

Пандов објави и дека до крајот на годината или почетокот на следната, ќе започне изградбата на втората фаза од затворот Идризово, што ќе се наоѓа во близина на дигиталната судница. Тоа е дел од пошироките напори за модернизација на пеналниот систем во државата.