Македонија во минатото беше пример за една одлично организирана економска дипломатија, чии бенефити се чувствуваат и денес. Ова беше кажано на денешната панел-дискусија на ВМРО-ДПМНЕ, посветена на катастрофалната меѓународна промоција на земјава денес.

„Инвест Македонија“ беше еден од најдобрите проекти во Македонија во изминативе 15 до 20 години. Со таа кампања за странски директни инвестиции беа таргетирани компании од Турција, од САД, од Германија и од други високо технолошки развиени земји. Таа кампања даде одлични резултати.

Ова беше речено на неделната панел-дискусија на тема „Катастрофална меѓународна промоција на Македонија“, што ја организираше ВМРО-ДПМНЕ. Панелот се пренесуваше во живо, а учествуваа д-р Зерин Абаз, поранешен генерален конзул на Македонија во Истанбул· Филип Нелковски, поранешен шеф на канцеларијата на „Инвест Македонија“ во Виена и д-р Викторија Трајков, професор и стратешки соработник за меѓународна соработка на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

– Преку директниот контакт со компаниите направивме препознатлив бренд. Ние сме мала држава и мора да имаме таква агресивна кампања. Во светот постојат преку 150 инвест агенции кои што се многу поагресивни и понапредни од нас. Ние имавме за цел да донесеме компании и дел од тие компании и навистина инвестираа во Македонија – рече Нелковски, додавајќи дека тие имале десетгодишни договори, но дел од нив одлучиле да останат во Македонија и по истекот на договорите.

Д-р Викторија Трајков нагласи дека Македонија во минатото беше пример за една одлично организирана економска дипломатија, чии бенефити се чувствуваат и денес, особено во помалите градови, каде благодарение на ваквата стратегија се отворија многу капацитети и фабрики кои сведочат за едно убаво време, за разлика од актуелната влада која таквото делување го свела на минимум.

Д-р Зерин Абаз оцени дека укинувањето на еономските промотори било катастрофална одлука. Луѓето коишто биле промотори во 2009 година биле премногу обучени и подготвени. И кога требало најмногу да придонесат во делот на економијата, тие тогаш биле вратени.

A, како генерален конзул во Истанбул, сведочеше дека jа промовирала Македонија во секоја област и заедно со промоторот ги посетувала компаниите со потенцијали да инвестираат во Македонија, ги запознавала со инфраструктурата, со географската положба на Македонија.

– Со добра работа и стратегија, се привлекоа многу компании кои што во тој период инвестираа во Македонија, како што е компанијата „Џевахир“. Со оваа промоција се зголеми бројот на инвестиции, кои изнесуваа скоро 1 милијарда евра. Трговската размена изнесуваше околу 800 милиони евра. Значи, јас говорам за Турција, бидејќи јас таму бев генерален конзул – рече таа.

Дебатата што ја модерираше Наум Стоилковски беше емитувана во живо и можете да ја проследите во овој видео-запис: