Поранешниот претседател на државата, Стево Пендаровски, испрати јасна порака до раководството на неговата СДСМ – дека партијата се наоѓа на сериозна крстосница и дека без длабоки промени може да се соочи со понатамошен пад, па дури и со политичка маргинализација.

Во својата изјава, Пендаровски оценува дека актуелната политичка состојба покажува јасен парадокс: Иако владејачката коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ ја изгубила дел од традиционалната поддршка, СДСМ не успеала да го искористи тоа и да го канализира опозиционото расположение кај гласачите.

„Кога не успеавте тоа да го направите, рецептите се јасни – или ја менувате политичката стратегија и пристапот кон граѓаните, или носите нови луѓе кои ќе знаат да допрат до различни слоеви од гласачкото тело“, порачува Пендаровски.

Според него, проблемот не е во комуникацијата, туку во суштината на политичкото делување – односно во стратегијата, кадровската поставеност и начинот на кој партијата се обраќа до јавноста.

Пендаровски предупредува дека со актуелниот тренд на пад на поддршката, СДСМ може да се соочи со уште полош резултат на следните избори.

„Постои реална опасност партијата да оди кон исчезнување или да влезе во статистичка маргина на грешка“, вели тој.

Извор: Нетпрес