Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на прес-конференција истакна дека јавноста мора да биде информирана за, како што рече, „контроверзното минато“ на бизнисменот Миодраг Давидовиќ – Дака, кој, според него, бил поврзан со поранешната власт.
„Миодраг Давидовиќ – Дака е човек со контроверзно минато, и е човек кој е на црната листа на САД, поради сомнежи за корупција и злоупотреба на влијание на Балканот, вклучително и Македонија“, изјави Петрушевски.
Тој потсети и на случајот од 2020 година, кога во јавноста се појавија аудио снимки поврзани со тогашниот премиер Зоран Заев.
„Во аудио снимката… Дака вели дека дал 300 илјади евра и 2.000 квадрати земјиште… за возврат да добие услуга“, рече Петрушевски, додавајќи дека според наводите, средствата биле користени „за инженеринг на референдумот за името“.
Во контекст на истите случувања, беа споменати и други личности, меѓу кои Зоран Милески – Кичеец и Драги Рашковски.
Петрушевски обвини дека „тогашната власт на СДС и те како добро била поврзана со контроверзниот проруски бизнисмен Дака“, додавајќи дека ваквите практики повеќе нема да бидат дозволени.
Во однос на актуелната ситуација, тој нагласи дека Владата нема да постапува како претходната гарнитура.
„Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ нема да прави како што правеше власта на СДС и Заев, туку напротив, веднаш ќе ги преземе сите законски можности за оваа фирма да не гради и инвестира во енергетски објекти, иако фирмата ги има исполнето сите услови и законски критериуми“, изјави Петрушевски.
Според него, ова претставува јасен сигнал дека институциите ќе делуваат превентивно и во интерес на граѓаните, со цел да се избегнат потенцијални злоупотреби и влијанија во стратешки сектори како енергетиката.
