Кина повторно ја актуелизира идејата за канал што би минувал низ Балканот и би го поврзал Егејското Море со Дунав преку Вардар и Морава. Овој проект, според првичните процени, би го скратил патот за транспорт на кинески стоки до европските пазари за повеќе од 1.000 километри, пренесува N1 BIH.
Оваа замисла е предложена како дел од иницијативата „Еден појас, еден пат“ вредна три трилиони долари. Каналот би поврзувал повеќе региони започнувајќи од Солун и следејќи ги коритата на Вардар и Морава сè до Егејско Море.
Проектот, доколку некогаш се изгради, би значел огромен инженерски товар. Егејско Море би било клучната врска, а би требало да се продлабочат и прошират делови од реката, да се изградат нови канали и финансирање во износ од околу 17 милијарди долари. Сепак, студиите за изводливост спроведени од кинеската компанија „Чајна Гежуба Груп“ проценуваат дека проектот е технички изводлив. Покрај тоа, тој би бил исплатлив на долг рок.
За да се реализира каналот, неопходно е учество на Србија, Косово, Македонија и Грција. Ова претставува прв и суштински политички предизвик. Дополнителна пречка е противењето на Турција. Таа би загубила дел од поморскиот сообраќај преку своите теснеци доколку бродовите се пренасочат кон новиот воден пат што води кон Егејско Море.
Иако геостратешката димензија е атрактивна, особено за Србија и Македонија, кои би добиле директен излез на Егејско Море, експертите остануваат воздржани. Тие потенцираат дека е нужно заедничко и долгорочно финансирање. Покрај тоа, потребна е прецизна процена на очекуваниот транспортен обем и јасни гаранции. Тие треба да осигураат дека изградбата на каналот нема да предизвика штети со неповратни последици за природната средина.
