Во студиото на Радио Лидер гостуваа Драган Томовски од иницијативата на оштетени од Лајонес и економскиот експерт, проф. Дејан Крстевски со кои разговаравме за пропадната приказна на Лајонес, оштетените граѓани кои го тужат Витанов, но и за новата платформа за која се шпекулира низ јавноста која наводно ќе ги вратела парите на граѓаните.
Кривична пријава за „МајВорлд“
Томовски појасни дека група оштетени граѓани пред неколку недели поднеле кривична пријава до Јавното обвинителство против Зоран Витанов и неколку засега непознати маркетери на компанијата „Мајворлд“ (MyWorld). Пријавата се однесува на основано сомнение за сторено продолжено кривично дело – измама, преку координиран систем за прибирање средства кој функционирал спротивно на законските прописи и етичкиот кодекс на самата компанија.
Тој додаде дека случајот го истражуваат домашни и странски новинарски екипи, а освен судот, известена е и финансиската полиција.
„Проблемот е интернационален. Не се работи само за Македонија. Уплатите вкупно се околу 4 и пол милијарди евра во светски рамки. Само во 2019 години се исплатени 152 милиони евра како провизии на главните маркетери. Во Македонија, Витанов на пример платил данок во месецот октомври 18.000 евра што кореспондира со некој приход меѓу 160-170 илјади евра месечно. Нашата пријава не е мотивирано само од финансиски загуби. Мотивирана е да се застане на патот на криминалниот начин на заработка на пари. Целта е во иднина да нема нови жртви“, рече Томовски.
Се појавува нова платформа која ќе ги врати парите на граѓаните, но најпрво како поени?
Во текот на емисијата беше посочено дека во моментов се појавува нова платформа. Новинарот Златев изнесе информации дека дел од граѓаните веќе се вклучени, но наместо враќање на средствата добиле поени.
Според тие информации, постои можност граѓаните повторно да треба да „доинвестираат“, со ветување дека ќе им бидат вратени средствата, иако засега не е познато дали тоа навистина ќе се случи.
Фирмата која се споменува наводно е од Чешка, но сепак во јавноста нема многу информации. Според сведочења на граѓани се ветува враќање на средствата, но најпрво во форма на поени. Знак прашалник е дали воопшто ќе се вратат овие средства, а професорот Крстевски вели граѓаните да не се надеваат на средства и преку ова. Тој вели дека и ова ќе биде неуспешна приказна
Крстевски: Станува збор за ист систем
Професорот Крстевски истакна дека, без разлика дали се зборува за „Лајонес“, „Лајконет“ или „Мајворлд“, станува збор за ист систем.
„Лајонес е мајката на тие две фирми и затоа секогаш треба да се зборува за Лајонес. Мајворлд и Лајконет не се прави субјекти. Тоа е едно исто“, посочи Крстевски.
Тој нагласи дека новата фирма што се појавува е осудена на неуспех и потсети дека со години предупредувал на вакви појави со цел да се заштитат граѓаните.
Погледнете ја целата емисија:
