Американската глумица Барбара Бери, номинирана за наградите „Оскар“, „Тони“ и „Еми“, почина вчера на 95-годишна возраст во својот дом во Менхетн, Њујорк. Информацијата за нејзината смрт ја потврди нејзината ќерка Џејн Харник, појаснувајќи дека смртта настапила со медицинска помош откако на филмската ветеранка ѝ бил дијагностициран краен стадиум на рак.

Родена во Чикаго во 1931 година под името Барбара Ен Берман, таа изгради богата кариера во театарот, на филмот и на телевизијата. Во 1964 година на Канскиот филмски фестивал ја освои наградата за најдобра глумица за нејзината улога во остварувањето „Еден компир, два компира“ (One Potato, Two Potato). Нејзиниот ангажман во филмот „Бегство / Четворица мангупи“ (Breaking Away) од 1979 година, каде што толкуваше улога на мајка на тинејџер и жена со сопствени соништа, ѝ ја донесе номинацијата за „Оскар“. Кога истата улога ја репризираше во телевизиската серија заснована на филмот во 1981 година, заработи и номинација за наградата „Еми“. Бери забележа забележителни настапи и во остварувањата „Војникот Бенџамин“ (Private Benjamin) и „Џуди Берлин“ (Judy Berlin).

На телевизиските екрани публиката ја памети по ликот на сопругата на капетанот во познатата полициска серија „Барни Милер“ (Barney Miller), каде што играше од 1975 до 1978 година. Голема популарност стекна и со улогата на бабата на ликот што го толкуваше Брук Шилдс во серијата „Одеднаш, Сузан“ (Suddenly Susan). Својата втора номинација за престижната награда „Еми“ ја освои во 1992 година за епизодна улога во култната серија „Закон и ред“ (Law & Order).

Бери оствари значајни успеси и на Бродвеј, каде што беше дел од оригиналната актерска постава на мјузиклот „Компанија“ (Company) на Стивен Сондхајм. Во ова дело таа прва ја толкуваше улогата на Сара, за што во 1970 година беше номинирана за театарската награда „Тони“. Нејзиниот последен настап на бродвејската сцена се случи во 2017 година во претставата „Другата половина“ (Significant Other).

Во 1994 година на Бери ѝ беше дијагностициран рак на ректумот, а личната битка со болеста ја преточи во две автобиографски книги со наслови „Втор чин“ (Second Act) и „Не умирај од срам“ (Don’t Die of Embarrassment). Таа со години јавно водеше кампања за важноста од рано откривање на колоректалниот карцином, многу порано пред оваа здравствена тема да добие поширок јавен фокус. Покрај автобиографиите, беше авторка и на две книги за деца, а во 2014 година отворено соопшти дека се соочува и со идиопатска пулмонална фиброза.

Во приватниот живот, Барбара Бери од 1964 година беше во брак со Џеј Харник, кој почина во 2007 година. Зад себе ги остави својата ќерка Џејн, синот Арон и три внуци.