Премиерот Христијан Мицкоски денеска изврши увид во реализацијата на капиталниот проект кај Љубљанска, при што истакна дека Владата продолжува со силна поддршка за општините и локалната самоуправа.
Мицкоски посочи дека од почетокот на мандатот на актуелната Влада, пред околу 27 месеци, за проекти на локалната самоуправа директно од централниот буџет се финансирани околу половина милијарда евра.
„Оваа Влада, општините и локалната самоуправа ја поддржува како ниту една Влада претходно. Од почетокот кога беше оваа Влада избрана, таму некаде пред 27 месеци, отприлика половина милијарда евра се проектите коишто ги финансираме директно од централниот буџет“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека станува збор за обем на инвестиции во локалната самоуправа кој, според него, не бил реализиран во изминатите децении.
Премиерот нагласи дека голем број општини веќе подготвуваат проекти за новиот циклус на инвестиции што би бил финансиран од Владата, со цел подобрување на условите за живот на граѓаните.
„Наша стратегија е да не креираме нови проблеми, а старите да ги решаваме, започнатите да ги довршуваме“, истакна Мицкоски.
Говорејќи за Скопје, тој посочи дека неколку капитални проекти треба да бидат завршени до Нова година, оценувајќи дека нивната реализација значително ќе го подобри функционирањето на градот и секојдневието на скопјани, но и на граѓаните кои го посетуваат главниот град.
Мицкоски им честиташе на градоначалниците и советниците кои, како што рече, ја поддржуваат реализацијата на проектите, а посебно ги посочи и пратениците кои се залагаат за повеќе инвестиции во општините од кои доаѓаат.
„Како претседател на Влада можам да кажам дека посакувам да има уште повеќе проекти коишто ние како Влада би ги финансирале во периодот којшто следи“, порача премиерот.
