Група граѓани пред Кривичниот суд на претходно најавен протест се собраа во знак на поддршка на Жан Митрев. Тие протестот го пријавиле и во МВР чии припадници ја обезбедуваат судската зграда, објави Макфакс.
Судењето на докторот треба да започне во 10 часот а граѓаните кои дел се претставуваат како поранешни пациенти се дојдени половина час порано.
Основното јавно обвинителство претходно поднесе обвинителен акт против доктор Жан Митрев, како физичко лице и Обвинителен предлог против неговата болница, како правно лице, за продолжено кривично дело „измама“.
Како што информираа од ОЈО Скопје за овој предмет, не станува збор за „измама на пациенти“, односно совесноста и несовесноста на лекувањето не е предмет на ова кривично дело, туку за класична измама, односно прикривање на клучни факти во однос на хемофилтрацијата, метод за кој пациентите не биле јасно информирани за сите негови позитивни и негативни ефекти, со што тие биле доведени во заблуда, а со цел противправно прибавување на имотна корист.