Комисија составена од петмина доктори специјалисти, детски ендокринолог, пулмолог, кардиолог, хематоонколог и анестезиолог, иницирана од Министерот за здравство, што треба да утврди дали имало или не лекарска грешка при третманот на петгодишната Јана од битолско Кравари што почина во четвртокот, влезе во битолската болница, потврдува за Канал 5 Директорот на Клиниката Александар Обедниковски. Од Министерството за здравство не прецизираат колку време ќе им треба за лекарите да направат извештај од нивниот надзор, што инаку следи по контролата на Државниот санитарен и здравствен инспекторат кој не утврди нерегуларности од неговата надлежност, објави Канал 5.

Од Обвинителството пак за Канал 5 велат дека резултатите од обдукцијата сè уште не се стигнати до нив, а дека не се доставени ниту до семејството потврдува и таткото на Јана, триесет и шестгодишниот Стојче Христовски. Тој вели се сомнева во постапувањата на институциите, уверен е дека Јана починала од лекарска грешка, но не верува дека тоа ќе се докаже, дури ни со обдукцијата.

-Во фамилијата немаме луѓе со никакви заболувања, да речам, со срце да имаат мака, со шеќер, со таква работа. Ја контактирав матичната, вика, тврдам, јас стојам зад Вас, дека чупето беше здраво и право, повеќе од колку што треба. Сите прегледи се поминати, вакцини, што требаше да се примат, сè си имаше примено. Значи, си беше се во ред. Слушалките, докторите што наслушуваат, срценцето и на нив може да се наслуша дали е во ред или не е во ред, на мало дете, ако имаше проблем со тоа. Дали Ви го доставија извештајот од судска медицина…? Не, ништо немаат ни кажана, ни доставено, ниту пак се надевам на обдукција. – Стојче Христовски

Под слоганот „Правда за Јана“ утре од 19 часот на битолскиот плоштад „Магнолија“ е најавен протест. Во објавата на фејсбук, роднините велат дека е доста од нефункционалноста на здраствениот систем, а од преку протестот ќе побара правда, реформи и оставки.