Потпишан договорот со американско-турскиот конзорциум Бехтел и Енка за изградба на четири автопатски делници од коридорот 8 и 10-Д во должина од 110 километри, која треба да започне на 22 април годинава. Изградбата ќе чини околу 1,3 милијарди евра а рокот на изведба е до 2027 година. На самиот настан но и на прес конференцијата овој проект беше оценет како историски кој ќе овозможи Македонија да стане раскрсница и неизбежна транспортна рута од значење за регионот, пренесува ТВ21.

„Конечно ќе имаме држава која што ќе има и Коридор 10 завршен и Коридор 8 завршен. И од држава која што е во центарот на Балканот наместо како пред извесно време кога бевме повеќе како кружен тек отколку раскрсница, сега конечно ќе станеме раскрсница. Бидејќи со изградбата на Коридорот 8 Северна Македонија конечно ќе ги има двата коридора кои што ќе ја направат раскрсница и второ, ќе имаме излез на три пристаништа“, вели Димитар Ковачевски.

На самиот настан на кој присуствуваше и американската амбасадорка Анџела Агелер му беше дадено големо значење, но целата атмосфера доби поинаков тек откако новинарите почнаа да прашуваат за фирмите кои што треба да го вршат надзорот а се со коруптивно минато. Во конзорциумот ИРД е една од фирмите за чиј сопственик Бранислав Димитриевиќ се води истражна постапка, а спорна е и фирмата Ептиса. Првиот вицепремиер Артан Груби бараше да не се лепат етикети за фирми и да не се фрла дамка на ваков проект. Груби кој е и претседател на Управувачкиот комитет за овие проекти тврди дека нема увид во постапката.

„Ве молам да не лепите етикети тоа ми беше забелешката затоа што ниту ние ниту вие не сме истражни органи. Секој кој што има наоди може да ги достави во Јавното обвинителство вклучувајќи ја тука и опозицијата. Не знам што не е јасно. Јас сум вицепремиер во Владата постапката е водена од ЈПДП, како може јас да знам било кој да е сопственик кога немам ниту една допирна точка со таа постапка“, додава Артан Груби.

Претставникот на ИРД пак вели кога се потпишувал договорот со сомнителната фирма лицето Бранислав Димитриевиќ не бил нејзин сопственик.

„Ние кога склучивме договор Еуроконсалтинг и Електросолушн се нашата локална поддршка и според информациите што ги имавме тогаш и сега тој човек, кој претходно се разговараше не е вклучен во сопственичката структура кога ние го склучивме договорот за конзорциум кога ја поднесувавме понудата“, вели Дарко Спировски.

Овој проект опфаќа изградба на автопатските делници Требениште-Струга-Ќафасан во должина од 22,5 километри, Гостивар-Букојчани со должина од 30,1 километри, Тетово-Гостивар 27 километри и делницата од Коридорот 10-Д Прилеп-Битола со должина од 43,4 километри.