Мирно и без инциденти помина комеморативниот собир во Нови Сад на годишнината од падот на бетонската настрешница на железничката станица. Илјадници луѓе од цела Србија присуствуваа на настанот, а во сите протестни зони владееше тишина, без слогани.

Студентите во блокада, по 16-минутната тишина, вечерва соопштија дека собирот е завршен со порака: „Се гледаме утре и секој друг ден додека не се задоволи правдата“.

Според МВР на Србија, „за време на пикот на ненајавениот собир, на подрачјето на градот Нови Сад, од 11:52 до 12:08 часот, присутни беа околу 39.000 граѓани, кои пристигнаа во Нови Сад од цела Србија“.

Медиумите во Србија известија поделено за одѕивот. На социјалните мрежи се лицитира со бројката од 160.000 граѓани. Новинарот од Нови Сад, Жарко Богосављевиќ, за Н1 изјави дека ова е најголемиот собир во историјата на градот, бидејќи „денеска на улиците имало повеќе луѓе отколку што градот имал во 1990-тите“.

Пред една година, на денешен ден во Нови Сад се случи трагедијата по уривањето на настрешницата на реновираната железничка станица. Една година подоцна, кривичната одговорност за настанот сè уште не е утврдена. Настрешницата се урна на 1 ноември 2024 година во 11:52 часот претпладне; загинаа 14 лица (меѓу нив четири деца на 6, 10, 16 и 17 години), три лица беа тешко повредени, а меѓу загинатите имаше и еден Македонец.

МВР на Србија претходно соопшти дека денеска во Нови Сад, со почеток во 10:00 часот, ќе се одржи ненајавен јавен собир по повод годишнината „кога 16 граѓани загинаа како резултат на падот на настрешницата на железничката станица“.

Оттаму потврдија дека во претходниот дел од овој јавен собир немало инциденти или интересни безбедносни настани.

Студенти и граѓани со денови пешачеа од различни делови на Србија за да им се придружат на студентите од Нови Сад во оддавањето почит на жртвите.

Комеморативниот собир помина мирно, а за време на говорот, Дијана Хрка, мајката на загинато момче од падот на бетонската настрешница, најави штрајк со глад и го повика претседателот Александар Вучиќ да распише избори.

Делегацијата на Европската Унија во Србија издаде соопштение во кое изразува сочувство и солидарност. Соопштението го поддржаа амбасадите на сите земји-членки на ЕУ во Србија, освен Унгарија, пишува Н1. Во соопштението објавено на официјалната веб-страница на Делегацијата на ЕУ се наведува дека Унијата продолжува внимателно да ја следи моменталната политичка ситуација во Србија.