Петмина млади на возраст од 14 до 18 години загинаа во пожар што го зафати магацинскиот простор на станбена зграда во Манљеу, во шпанскиот регион Каталонија, јави денеска националниот јавен сервис РТВЕ.
Уште четири лица се полесно повредени во пожарот во петкатницата во градот кој се наоѓа на околу 80 километри северно од Барселона. Причината за пожарот засега останува непозната, пренесе ДПА.
Според итните служби, пожарот избувнал доцна синоќа во магацинска просторија на последниот кат од зградата, која била користена како место за собири на млади луѓе. Жртвите не успеале да побегнат навреме.
Целата зграда морала да биде евакуирана, а некои семејства успеале да се вратат во своите домови денеска наутро. Весникот „Ла Вангардија“ (La Vanguardia) објави дека три семејства се привремено сместени во хотел.
Делот од градот каде што избувнал пожарот е дом на многу луѓе со мароканско потекло. РТВЕ информира дека мароканската заедница е тешко погодена од трагедијата, а многу соседи се во состојба на шок.
– Сите ги познававме… Тоа беа деца – изјавил жител на зградата за РТВЕ.
Салвадор Иља, претседателот на владата на Каталонија, објави на X дека е „шокиран од смртта на петте млади лица“. Тој им се заблагодари на итните служби за нивната брза акција.
