Три големи пожари денеска се активни во Штип и во Пробиштипско. Попладнево нов пожар избувна кај штипската млекара, поради што се евакуираат вработени во фабриката „Албатрос“, додека во Пробиштипско една куќа изгоре, а огнот го гаснат три авиони „ер трактор“.

Фејсбук-страницата „Секојдневнието во Штип“ објави видео на кое се гледаат десетици луѓе како бегаат, со маски на лицата, додека просторот околу нив е исполнет со чад.

„Пеколен ден за Штипјани – во моментот гори и кај Штипска млекара, евкуирани се вработените во Албатрос“, објави страницата „Секојдневието во Штип“.

 

Веста ја потврди и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување. Според него, овој пожар набрзо ќе биде изгасен.

Големиот пожар во Пробиштипско попладнево го гаснат три авиони „ер трактор“. Според директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, пожарот почнал меѓу селата Бучиште, Неокази и Петршино, а во Бучиште изгорела една куќа.

– Пожарот во Пробиштипско е почнат меѓу селата Бучиште, Неокази и Петршино. Во Бучиште пожарот е локализиран. Една куќа е изгорена. Но, еден дел од пожарот се префрла накај селото Ратавица – информира Ангелов.

Според Центарот за управување со кризи, денеска до 13 часот се регистрирани 3 активни пожари на отворено.

„Во Пробиштипско кај селото Неокази гори ниска вегетација, кај Исар во Штип и во село Новоселани, во општина Чешиново-Облешево, исто така, гори ниска вегетација“, соопшти ЦУК.

 

 

Пожарот кај Исарот беше блиску до куќите, како што се гледа од видеото објавено на Фејсбук-страницата „Секојдневнието во Штип“, поради што беше гаснат со еден „ер трактор“ на ДЗС. По авионската интервенција, куќите не беа во опасност.

Пожарот во Пробиштипско денеска предизвика проблеми во сообраќајот поради густ чад. На регионалниот пат беше намалена видливоста, а поради тоа, според страницата „Се молиме за Македонија“, се случила сообраќајна несреќа.