Веднаш по масовното пукање на плажа во Австралија, на социјалните мрежи почна да се споделува видео на кое се гледа како невооружен маж му се приближува на еден од напаѓачите и му ја одзема пушката со која пукал кон посетителите на плажата Бонди во Сиднеј.

Храбра интервенција среде хаосот – Ахмед е херојот од Сиднеј!

Мажот, случаен минувач, е идентификуван како 43-годишниот Ахмед ал Ахмед, кого јавноста масовно го нарекува херој. На видеото, чија автентичност е потврдена од Би-Би-Си, се гледа како Ахмед трча кон напаѓачот свртен со грб, го зграпчува оружјето и потоа го насочува кон него, принудувајќи го да се повлече.

Повреден при обидот да ги заштити другите

Ахмед, сопственик на продавница за овошје и татко на две деца, бил пренесен во болница со прострелни рани на раката и шаката, соопшти неговото семејство за 7News Australia. Нападот се случил на 14 декември, за време на настан на плажа во Сиднеј, на кој присуствувале повеќе од 1.000 луѓе кои ја прославувале Ханука. Во пукотницата загинаа 15 лица, а десетици беа ранети.

Нападот прогласен за терористички чин

Полицијата соопшти дека станува збор за терористички напад насочен кон еврејската заедница. Луѓето биле застрелани од двајца напаѓачи, 50-годишен татко и неговиот 24-годишен син. Потврдено е дека 50-годишниот маж е убиен на лице место, додека 24-годишниот е во критична состојба во болница. Премиерот на Нов Јужен Велс, Крис Минс, му оддаде почит на Ахмед, изјавувајќи: „Тој човек е вистински херој и не се сомневам дека многу, многу луѓе преживеале благодарение на неговата храброст“. На социјалните мрежи следеа бројни реакции со осуди за терористичкиот чин и сочувство за жртвите, а меѓу коментарите се издвојува и пораката: „Избра да биде човек, а не муслиман“.