Директорот на ЈП Градски Паркинг Бојан Христовски на денешната прес-конференција истакна дека Управниот одбор на јавното претпријатие „Градски Паркинг“ – Скопје на иницијатива на градоначалничката на Град Скопје госпоѓа Арсовска донесе одлука за намалување на цената за паркирање во Скопје од 01.03.2022.

Зона А0 од 100 се намалува на 75 денари, во зона А од 50 се намалува на 40 денари, во зона Б од 40 на 30 денари, а во зоните Ц и Д паркирањето ќе се намали од 30 на 25 денари за 1 час.

-Со усвојување на оваа одлука, а среде економска криза, кога цените растат, Јавното претпријатие Градски Паркинг им излегува во пресрет на барањата на граѓаните за поевтин паркинг во градот, го реализира она кое е ветено пред скопјани, вели Христовски.

Тој истакна дека нивната цел како преттпријатие е со нивните одлуки секогаш првенствено да бидат транспарентни во нивното работење. да бидат во служба на граѓаните и да ги реализираат правовремено барањата на граѓаните на Градот Скопје.

-Реализацијата на ова ветување е показател дека тоа што се ветува, треба и се исполнува, имено продолжуваме и понатаму активно да работиме во насока на реализација на програмските проекти коишто се во интерес на граѓаните, а се во план да се реализираат во наредниот период, тука би ги истакнал нови катни и монтажни паркиралишта во Чаир, Аеродром, Центар и Кисела Вода, со што ќе се овозможи паркирањето во Скопје, не само да биде поевтино туку да биде и подостапно за граѓаните на Скопје, истакнува Христовски.