Пристигнува хуманитарна помош во Газа. За првпат откако започна војната хуманитарен конвој влегува во Газа преку преминот Рафа на границата со Египет. Засега се работи за 20 камиони со неопходни намирници: лекови, храна, вода.
Претходно имаше неколку преговори и обиди за достава на хуманитарна помош, но Израел одбиваше.
Тедрос Аданом Гебрејесус, генерален директор на Светската здравствена организација (СЗО), рече дека камиони со залихи на организацијата, вклучително и лекови за траума и хронични болести и есенцијални лекови, пристигнуваат денеска во Газа.
Американската амбасада претходно соопшти дека граничниот премин Египет-Газа ќе биде отворен утринава за да им се овозможи на странците да си заминат, а ова го потврди и канцеларијата за медиуми на Хамас.
На почетокот на оваа недела, Израел се согласи дека помошта може да биде испратена во Газа по разговорите со американскиот претседател Џо Бајден. Сепак, се вели дека помошта нема да влезе преку Израел – само преку границата со Египет.