Полицијата приведе 18 навивачи по инцидентите во салата „Јане Сандански“ каде имаше дерби во Првата македонска ракометна лига меѓу Вардар 1961 и Еурофарм Пелистер. По фрлањето на предмети на теренот, а потоа и судир меѓу групите, известен е и јавен обвинител.

„Известен е јавен обвинител и се преземаат дополнителни мерки и активности за расчистување на случајот по закон за спречување насилство на спортски натпревари“, велат од МВР за „Макфакс“.

По натпреварот, битолската навивачка група Чкембари, со шест автобуси и едно комбе заминаа од салата „Јане Сандански“. Вардар го совлада Пелистер. Долж булеварот беа распоредени униформирани полицајци и специјалци.

Натпреварот беше прекинат во 17-тата минута при резултат од 6-6, откако гостински навивачи при влегување во салата „Јане Сандански“ почнаа да фрлаат кон домашните навивачи со пиротехнички средства, на што возвратија навивачите на Вардар, кои влегоа на теренот фрлајќи со шишиња и тврди предмети.