Парите пронајдени во семејната куќа на судијата Ѓоко Ристов во Неготино не се негова сопственост, туку им припаѓаат на неговите родители

Парите пронајдени во семејната куќа на судијата Ѓоко Ристов во Неготино не се негова сопственост, туку им припаѓаат на неговите родители, тврди одбраната, по откривањето на 350.000 евра соѕидани во ѕид во кујната.

Ова го соопшти адвокатот на судијата Ристов, Звонко Давидовиќ, кој најави жалба на одлуката на судијата во претходна постапка. Со таа одлука, на Ристов му се изречени мерки на обезбедување, меѓу кои куќен притвор, одземање на патната исправа и забрана за вадење нова.

Според Давидовиќ, родителите на судијата излегле со јасен став дека средствата што биле пронајдени во нивниот дом се нивна сопственост и дека тие немаат врска со нивниот син.

Адвокатот се осврна и на делот од обвинението со кој Ристов се товари за непријавување стекнат имот, наведувајќи дека законската одредба на која се повикува обвинението не е недвосмислена.

Како што посочи Давидовиќ, во членот од законот кој ја уредува оваа материја „постои двојба“, односно дека судот и судиите не се опфатени со наброените категории.