Трипуновски за новата методологија: „Воведуваме ред во земјоделството“
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, најави воведување нова методологија во распределбата на субвенциите, оценувајќи дека со досегашниот модел бил нанесен сериозен удар врз буџетот. Според него, средства добивале лица кои не биле вистински земјоделци, туку биле блиски до претходната власт.
Тој посочи дека претходната гарнитура склучила договор со лице постаро од 40 години, кое било ослободено од плаќање закупнина во период од три години.
„Со досегашниот модел имаме сериозни оштетувања. Претходната гарнитура склучила договор со човек кој има над 40 години, а бил ослободен 3 години да не плаќа закупнина. Мора да воведеме ред. Имам чувство дека досега било башибозук. Кориселе земјиште тие кои биле моќни и блиски до претходната власт, а не биле вистински земјоделци. А оние кои вистински рентале земјиште од големите поседници за некако да преживеат. На тоа ставаме крај и затоа велам: Воведуваме ред. Дали ќе бидат гласни? Да, ќе бидат гласни оние на кои им чепкаме во џебот“, рече министерот Цветан Трипуновски.
Поддршка за малите и средни земјоделци
Министерот Трипуновски вели дека државата е тука да помогне на земјоделците со мал и среден капацитет.
„Овие законски измени ќе стимулираат оние земјоделци кои имаат мал и среден капацитет да пораснат, а ние сме тука како држава да помогнеме и стимулираме“, рече Трипуновски за Радио Лидер.
Потрошени 1,8 милијарди евра, резултатите незадоволителни
Според анализата изработена во 2024 година, од воведувањето на субвенциите до денес за македонското земјоделство биле издвоени околу една милијарда и 800 илјади евра. Министерот оцени дека постигнатите резултати не ги оправдуваат вложените средства, особено имајќи го предвид падот на ефектите во последните седум до десет години.
Како причини за ваквата состојба ги наведе празнењето на селата, недостигот од млади луѓе и намалената ефикасност во користењето на буџетските средства. Тој потенцираше дека нема да има кратење на субвенциите, туку постепена реформа во 2026 и 2027 година, со цел поефикасно насочување на поддршката и подобро искористување на природните ресурси – сонцето, водата и плодната почва.
Погледнете ја целата емисија:
