Кумановската полиција поднесе кривична пријава против П.А. (18) од селото Лојане, општина Липково, како и против две малолетнички на возраст од 14 и 15 години од Куманово, поради сомнение дека сториле кривично дело „насилство“.

Според информациите од полицијата, инцидентот се случил на 13 март 2026 година, околу 18 часот, кога осомничените повикале 14-годишно девојче да излезе од својот дом.

Потоа ја убедиле да влезе во просторија во близина на спортскиот центар „Соколана“ во Куманово, каде најпрвин ја навредувале, а потоа физички ја нападнале.

Според пријавата, целиот напад го снимале со мобилен телефон.

По насилството, осомничените ѝ се заканиле на малолетничката да не го пријавува случајот и да не зборува за видеото, предупредувајќи ја дека во спротивно „ќе ѝ се случи нешто уште полошо“.

По целосното документирање на случајот, против трите осомничени е поднесена кривична пријава.