Жената пронајдена мртва во атарот на гостиварското село Неготино била убиена со огнено оружје, покажал првичниот наод од извршената обдукција. Информацијата ја соопшти Јавното обвинителство, откако беше завршена обдукцијата на 53-годишната жртва.

По наредба на јавен обвинител, во тек е вештачење на трагите кои биле подигнати од неколку локации, а паралелно се спроведуваат претреси и други истражни дејствија поврзани со случајот.

Краткотрајниот притвор на осомничениот е продолжен за уште 48 часа, додека јавниот обвинител до надлежниот суд доставил предлог за определување 48-часовен притвор и за неговата сопруга, која вчера беше задржана во полициска станица.

Од Јавното обвинителство наведуваат дека истрагата продолжува со цел целосно расветлување на настанот.

Телото на 53-годишната Х. А. беше пронајдено вчера, закопано во дупка во атарот на селото Неготино, гостиварско. За убиството е осомничен 53-годишниот С. М. од истото село, кој, според Министерството за внатрешни работи, претходно дал лажен исказ во полициска станица. Неговата сопруга признала дека тој го извршил убиството и на полицијата ѝ го посочила местото каде што телото било закопано.

Жртвата на 9 декември била пријавена за исчезната од страна на нејзиниот син

Според хронологијата на настаните, жртвата на 9 декември била пријавена за исчезната од страна на нејзиниот син. Подоцна, прегледувајќи ги безбедносните камери, тој забележал дека два дена претходно, односно на 7 декември, таа влегла во патничко возило марка „фиат“, по што станала недостапна на нејзиниот мобилен телефон.

Во пријавата до полицијата, синот навел и дека на безбедносните камери видел оти ноќта меѓу 6 и 7 декември, сега осомничениот С. М. влегол во неговата куќа и одзел пари од неговата соба.

Пред два дена, во раните утрински часови, во 2:15 часот, С. М. бил приведен поради сомнение дека ја принудил Х. А. да замине од својот дом со него. Во тој момент, тој дал лажен исказ во полиција, а од листингот на телефонски повици било утврдено дека Х. А. последен пат имала контакт со него на 7 декември.

Завчера била приведена и сопругата на осомничениот, која во полициска станица, како што соопшти МВР, признала дека нејзиниот сопруг С. М. со пиштол ја убил Х. А., по што им го покажала местото каде што телото било закопано.