Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР, во координација со Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, спроведе акција во која се приведени единаесет лица осомничени за „лихварство“ и „перење пари“.
Според истрагата, од почетокот на 2022 година девет лица се здружиле во криминална група што одобрувала заеми на граѓани со камати меѓу 5 и 15 проценти месечно. Искористувајќи ја тешката финансиска состојба на оштетените, осомничените барале високи камати, а кога должниците не можеле да враќаат, ги приморувале да заложат или да пренесат имот на нивно име.
Наплатата најчесто се вршела во готовина или преку банкарски сметки. Групата противправно стекнала повеќе од 125 милиони денари (околу два милиони евра).
Полицијата утврдила дека дел од средствата биле „испрани“ преку купување недвижности, возила и луксузни добра. Против вкупно 12 лица, меѓу кои и едно правно лице, е поднесена кривична пријава. Еден осомничен, 35-годишниот Б.К., е недостапен за органите на прогонот.