Од силното невреме загинаа најмалку седум лица, меѓу кои и двајца туристи кои беа однесени од поројните дождови во камп во северозападна Турција.
Грција, Турција и Бугарија се погодени од силно невреме и поплави во кои загинаа најмалку седум лица, меѓу кои и двајца туристи кои беа однесени од поројните дождови во камп во северозападна Турција.
Али Јерликаја, турскиот министер за внатрешни работи, изјави дека уште четири лица се водат како исчезнати по силните поплави во камп во провинцијата Киркларели, во близина на границата со Бугарија.
„Спасувачките тимови пронајдоа две тела. Продолжува потрагата по уште четири исчезнати лица“, напиша тој на социјалните мрежи, а пренесува „Гардијан“.
Heavy Rain And Floods Create Havoc In Istanbul ,Turkiye, Basaksehir Area.#Turkey #Turkiye #Başakşehir#Floods #ClimateActionNow pic.twitter.com/cGrM0bkxd1
— The Pakistan Frontier (@PakFrontier) September 6, 2023
Во Истанбул силен дожд поплави улици и куќи во две населби, при што загинаа две лица. Десетмина од нив беа спасени откако останаа заробени во библиотеката.
Во Грција, полицијата го затвори сообраќајот во централниот град Волос, блискиот планински регион Пелион и туристичкиот остров Скијатос, бидејќи рекордните дождови предизвикаа најмалку еден смртен случај, а автомобилите беа однесени од порои високи до бутовите, пренесува Индекс.
Пожарникарите соопштија дека еден маж загинал во близина на Волос кога врз него паднал ѕид. Пет лица се водат како исчезнати, најверојатно однесени од поплавата.
Властите испратија предупредувања за мобилни телефони до неколку други области во централна Грција, предупредувајќи ги луѓето да останат во своите домови.
Во Бугарија бранови од 2 метри
Николај Денков, бугарскиот премиер, изјави дека две лица загинаа, а три се водат како исчезнати откако невремето предизвика поплави на јужниот брег на Црното Море. Излеаните реки предизвикаа големи штети на патиштата и мостовите. Имаше и прекини во електричната енергија, а властите ги предупредија жителите да не пијат вода од чешма поради контаминација од надојдените води.
Силниот ветер предизвика бранови од 2 метри на плажите во туристичките места. На снимките објавени на социјалните мрежи се гледаат автомобили и кампери кои ги одзема морето во летното одморалиште Цареву. Властите прогласија вонредна состојба во Царево и ги повикаа луѓето да одат на повисоките катови бидејќи приземјата на некои хотели се поплавени.