Сакаме да изразиме многу голема благодарност до дечките од СОЗР и Владата на Република Македонија коишто за 15 минути ни овозможија бесплатни летови, бесплатен хотелски смештај, бесплатен превоз, ни овозможија стручна помош за преведувачи со документи. Значи се, многу добра организација, вели роднина на едно од повредените девојчиња од Кочани кое е пренесено на лекување во Австрија.
Тој во изјава за Сител, појасни дека е дел од семејство коешто е засегнато од настанатиот пожар во дискотеката Пулс и дека моментално се наоѓаат на Универзитетската клиника во Грац, Австрија.
Според него реакцијата на институциите во Македонија била навистина брза, а владините тимови обезбедиле превоз, сместување, како и стручна помош, едноставно се што им било потребно во овие моменти.
Исто така тој апелира до сите семејства да се обратат до институциите за да добијат помош и поддршка.
„Сакам исто така да апелирам до луѓето коишто се засегнати со овој проблем и во оваа ситуација, да не се срамат, да се јават на бројот, да си обезбедат бесплатни сместувања, хотели додека бидат тука нивните дечиња. Во болниците исто така, имаме стручен тим кој се грижи за нас и ни дава информации“, апелира роднината на девојчето.
Тој споделува информации и за самото лекување на пациентите кои се на тамошно лекување, за кое вели дека е навистина до сега прекрасно, а воедно испраќа и огромна благодарност до сите луѓе коишто во огромен број се мобилизирале во Грац и стојат на располагање за секаква помош и поддршка.