Руски дронови и ракети рано утринава ја погодија железничката инфраструктура во поширокиот регион на Киев, при што е предизвикана значителна материјална штета и прекин на железничкиот сообраќај, соопштија украинските власти.

Според официјалното соопштение, нападот бил насочен кон железничкиот јазол во близина на градот Фастив, каде што биле разурнати станицата и дел од возниот парк на приградските линии. Иако нема пријавени жртви, сообраќајот е значително нарушен.

„Непријателот продолжува намерно да ја напаѓа железничката инфраструктура. Разурнати се станицата Фастив и возен парк на приградските линии. Нема жртви, но сообраќајот е нарушен“, се наведува во соопштението.

Украинската служба за итни ситуации потврди дека по нападот избувнал пожар на железничката станица и во депото во регионот на Киев, додека дополнителни оштетувања се пријавени и во Черниговската област.

Нападите се дел од продолжените воздушни удари врз критична инфраструктура во Украина, кои последните недели се насочени кон транспортни и логистички објекти.

 

 

Во последните недели руската армија ги засили нападите врз украинскиот енергетски сектор. Украинското министерство за енергетика соопшти дека ударите ја погодиле енергетската инфраструктура во осум области, поради што има прекини на струја. Екипите работат на итни поправки „каде што безбедносните услови го дозволуваат“.

Во Одеската област најмалку 9.500 корисници останале без греење, а околу 34.000 без вода.