Русија почна со големи напади врз Киев и други делови на Украина, соопштија украинските власти рано утринава додека Москва се подготвува за прославата на Денот на победата по повод годишнината од нејзината победа над нацистичка Германија.
Најмалку пет лица се повредени во руските напади врз Киев, според украинските власти. Руски проектили запалија складиште за храна во Одеса на Црното Море, а експлозии беа забележани и во неколку други украински региони.
Украинската противвоздушна одбрана уништи 35 ирански беспилотни летала „Шахид“ лансирани од Русија, соопшти војската.
Градоначалникот на Киев изјави дека во тој град ранети се најмалку пет лица и дека се оштетени складишта за гориво, автомобили, згради и инфраструктура.
„Има загинати и повредени граѓани. Оштетени се згради, приватни куќи и друга цивилна инфраструктура“, соопшти армијата.
Воената администрација на Киев соопшти дека остатоците од дронот паднале на пистата на аеродромот „Жулјани“, еден од двата патнички аеродрома во украинската престолнина, без да предизвикаат пожар, но на местото на настанот била повикана итната помош.
Соопштено е дека во централната киевска област Шевченковски остатоци од дрон погодиле двокатна зграда. „Ројтерс“ објави дека во Киев се слушаат многубројни експлозии и дека локалните власти тврдат оти системите за противвоздушна одбрана ги одбиваат нападите.
Сергеј Брачук, портпарол на воената администрација во Одеса, на својот канал на „Телеграм“ објави фотографии од голема зграда целосно зафатена во пламен во, како што рече, руски напад врз складиште за храна.
Владимир Рогов, руски локален функционер во Запорожје, рече дека руските сили погодиле складиште и позиција на украински војници во Орихив, мал град во регионот. „Ројтерс“ не го потврдува ова.
Руските сили во неделата гранатираа осум локации во регионот Суми, североисточна Украина, објави регионалната воена администрација на „Фејсбук“.
Во последните две недели се интензивираа и нападите врз цели под контрола на Русија, особено на Крим. Украина, без да потврди каква било улога во нападите, вели дека уништувањето на непријателската инфраструктура е подготовка за нејзината долгоочекувана контраофанзива.