Украинската аналитичка група DeepState соопшти дека во близина на Купјанск е забележан нов случај на инфилтрација на руски војници преку подземни цевки, што е веќе трет инцидент од ваков тип. Според нив, војниците користат специјално адаптирана опрема за движење во тесни канали.
„Влезовите се наоѓаат кај Лиман Першии. За движење внатре се користат платформи на тркала, а во делови со поголема висина и електрични тротинети. Патот до предградието на Купјанск трае околу четири дена, со посебни пунктови за одмор и складирана храна. Така руските групи стигнуваат до Радкивка без сериозни загуби, потоа се движат кон шумата и се распрснуваат во Купјанск, сè до железничката линија“, наведува DeepState.
Истата група предупреди дека во самиот град веќе се воспоставени позиции за лансирање FPV-дронови. Ситуацијата ја прави уште потешка тоа што голем дел од населението не е евакуирано и останува во домовите каде што се распоредени и руските сили, што сериозно го ограничува украинскиот одговор.
Техниката не е нова. На 8 март годинава околу сто руски војници го искористиле гасоводот во областа Суджа за сличен упад. Подземни рути биле забележани и во борбите кај Авдиевка.
На руските канали на Telegram се појавија и снимки за кои се тврди дека го прикажуваат влегувањето во Купјанск преку гасовод. Каналот Supernova+ тврдеше дека видеото е снимено пред еден месец и дека DeepState задоцнето ја критикува украинската армија.
Купјанск, град во Харковската област, има стратешко значење бидејќи претставува крстосница на железнички и патни линии што водат кон Изјум, Сватово и поширокиот Донбас. Од почетокот на инвазијата, ова место беше клучен центар за снабдување на руските сили, а контролата врз него и понатаму е цел за обете армии.