Во уривањето на две станбени згради во Марсеј повредени се најмалку шест лица од околните згради, но пожарот ги спречува спасувачите да трагаат по жртви, соопштија официјални извори. Се проценува дека под урнатините се затрупани од четири до 12 лица. Очевидци велат дека по експлозијата во воздухот се почувствувал мирис на гас.

Две згради во јужниот француски пристанишен град се урнаа веднаш по полноќ, изјави за новинарите градоначалникот на Марсеј, Беноа Пајан. Во текот на утрото делумно се урна и третата зграда. Населбата е евакуирана.

Како што изјави попладнево полковник Арнауд Вилм, портпарол за цивилна заштита, пожарот што избувна по уривањето на станбена зграда во Марсеј полека стивнува.

Пожарникарите се уште се борат со пожарот кој гори под урнатините на зградата и во голема мера ја отежнува спасувачката операција веќе 12 часа.

 

АФП објави изјава од Саверие Мосние, која живее во блиската улица. “Спиев и одеднаш слушнав огромна експлозија, која ја потресе собата. Скокнав од креветот и видов многу луѓе на прозорците како гледаат што се случува”, рекла таа.

„Набргу потоа почувствувавме силен мирис на гас, кој остана во воздухот до утрото“, додаде таа.

Француското Министерство за внатрешни работи соопшти дека 179 лица се евакуирани по уривање на згради на улицата Тиволи во Марсеј.

Луѓето се евакуирани поради страв од дополнително уривање на зградите. Министерството забележува дека повеќе луѓе би можеле да бидат евакуирани.

На местото на уривањето на зградата има 105 пожарникари со 38 возила, изјави шефот на противпожарната служба Гај, кој попладнево ја води противпожарната и спасувачката операција на улицата Тиволи во Марсеј.

„Тимовите кои ги пребаруваат урнатините треба да бидат упатени со крал“, рече Гај, додавајќи дека операцијата може да трае „неколку дена“.