Комерцијалните летови се главно суспендирани, со што илјадници Авганистанци и странски државјани останаа заглавени.
Откако талибанците влегоа во Кабул, голем број жители синоќа се упатија кон аеродромот за да ги фатат последните комерцијални летови од градот. Американски официјални лица потврдија дека војниците во еден момент испукале предупредувачки истрели во воздух за да го смират хаосот и да ги спречат Авганистанците да се стрчаат на пистата и влезат во воен авион.
„Ова е наш аеродром, а гледаме како дипломатите се евакуираат додека ние чекаме во неизвесност“, изјави активистот Ракшанда Џилали.
Повеќе од 60 држави преку заедничко соопштение ги повикаа талибанците да им дозволат заминување на сите Авганистанци и странски државјани кои го сакаат тоа.
Стравувајќи од враќањето на бруталното и репресивно владеење на талибанците, жителите на Кабул вчера очајнички повлекуваа пари од банкоматите и аплицираа за визи, додека бегалците од други градови беа собрани во паркови и отворени простори во градот.
Иако талибанците ветија мирна транзиција, американската амбасада ги прекина активностите и го евакуираше целиот персонал на аеродромот во Кабул. И други западни држави и Русија го најавија тоа.