„Скопје е град со дух, со историја, но и со огромен неискористен потенцијал. Нашата визија е Скопје да се развива паметно, плански и храбро, со јасни цели и вистински проекти што носат промени,“ изјави Шукова пред граѓаните.

Во фокусот на таа визија, како што истакна, е изградбата на модерен Конгресен центар – инфраструктура што ќе го отвори Скопје кон светот и ќе го постави на мапата на европски конгресни дестинации. Проектот, според неа, претставува економски, туристички и културен ресурс со кој градот ќе може да биде домаќин на меѓународни конференции, научни и професионални собири и големи културни настани.

Паралелно со Конгресниот центар, Шукова најави и изградба на нов Скопски саем во Гази Баба, со што оваа општина ќе добие нова стратешка позиција како регионален центар за бизнис, иновации и туризам. Новиот саем, според најавите, ќе има модуларни хали, конференциски сали, културни и комерцијални содржини, како и простор за мали и средни претпријатија и креативни сектори.

„Овој проект отвора нови пазари, ги поврзува локалните производители со странски партнери и создава услови младите да останат и да работат токму тука, во Скопје,“ додаде Шукова.

Таа најави и решение за сообраќајниот хаос во Автокоманда, каде што ќе се изградат три катни гаражи. Две од нив ќе бидат наменети за жителите, со сигурни и достапни паркинг места, а третата за вработените во околните компании, со цел да се ослободи јавниот простор и да се намали метежот.

„Со овие мерки го враќаме просторот на граѓаните, ги ослободуваме тротоарите и го подобруваме квалитетот на живот,“ нагласи Шукова.

Според неа, ова е визија за Скопје што поврзува, што е добар домаќин и што создава вредност – за граѓаните, за економијата и за државата.
„Ова е визија за град што има иднина, и ние сме подготвени таа визија да ја реализираме,“ заклучи Шукова.