МВР и Црвен крст со превентивна кампања „Сигурни празници, без употреба на пиротехника“
Во рамки на превентивната кампања „Сигурни празници, без употреба на пиротехника“, денеска на Плоштад „Македонија“ се одржа показна вежба со учениците од средното училиште „Владо Тасевски“. Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, заедно со директорката на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија, д-р Јасмина Георгиевска-Павловска, и генералниот секретар на Црвениот крст, д-р Саит Саити, присуствуваа на активностите и ја поддржаа кампањата.
Кампањата е организирана од СВР Скопје – Одделение за превенција и Црвениот крст на Град Скопје, со поддршка на Универзитетската клиника за пластична хирургија. Фокусот е ставен на зголемување на јавната свест за опасностите и последиците од неовластена употреба на петарди и други пиротехнички средства, особено кај децата и младите.
Заштита на животот и здравјето на децата
Министерот Тошковски упати благодарност до сите учесници во кампањата.
„Овие превентивни активности имаат огромно значење. Ниту една прослава не вреди колку здравјето и животот на нашите деца. Благодарност до Црвениот крст, до Клиниката за пластична хирургија, до Средното училиште ‘Владо Тасевски’ и до учениците кои со своето учество испратија силна порака до јавноста“, изјави тој.
Министерот посочи дека Министерството за внатрешни работи годинава бележи значително зголемена откривачка активност во делот на нелегалната пиротехника.
„Заклучно со месец ноември 2025 година, откриени се околу 155.000 парчиња пиротехнички средства, што е речиси трипати повеќе во споредба со 2024 година, кога беа откриени околу 52.000 парчиња. Само во текот на овој месец, во рамки на посебна оперативна акција, запленети се дополнителни над 30.000 парчиња пиротехника“, истакна Тошковски.
Интензивна работа и порака за превенција
Тој нагласи дека бројките ја покажуваат посветеноста на полициските службеници, но истовремено алармираат за големиот обем на пиротехнички средства што циркулираат во државата.
„Ќе продолжиме со решителни репресивни мерки, но превенцијата е суштинска. Мораме заеднички да ја подигнеме свеста дека пиротехниката не е неопходна за убави празници. Оваа порака ќе ја пренесуваме не само во Скопје, туку и низ целата држава“, порача министерот за внатрешни работи.
Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да се воздржат од користење на пиротехнички средства и заеднички да придонесат кон безбедни и мирни празници за сите.
